Шкупи најде одлична замена за Умит Каран, а неговиот сонародник Махмут Алпаслан ќе биде новиот кормилар на чаирчани.
Искусниот 63-годишен поранешен шеф на скаутинг-службата на Галатасарај е познат како човек што ги препозна талентот и квалитетот на познатите фудбалски ѕвезди Каземиро, Емре Џан и Хакан Чалханоглу.
Се очекува негова промоција во Шкупи, а Алпаслан има интересна биографија. Работеше во Бразил и Јужна Африка, а има одлично педигре и во Турција. Беше тренер или член на стручните штабови во дузина турски клубови, а сега се очекува да го стабилизира Шкупи по заминувањето на неговиот сонародник Умит Каран.
Скопскиот прволигаш имаше скромен старт во домашното првенство и освои 5 бода на четири меча, што е доволно за шесто место. И европската авантура во квалификациите за Лигата на Европа беше куса. Шкупи испадна веднаш во првиот двомеч против Пјуник.