Македонскиот фудбалски првак Шкупи утревечер на Арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го игра реванш-мечот од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите против Динамо Загреб. По првата средба во Загреб, резултатот е 2:2, што е изненадување за многумина ако се знае дека хрватскиот првак беше апсолутен фаворит пред средбата.
Сепак, Шкупи покажа квалитет и успеа да остане непоразен на „Максимир“, па сега во Скопје ќе се обиде да го комплетира изненадувањето, односно да го елиминира големиот ривал. Чаирчани се надеваат дека стадионот утре ќе биде исполнет и дека навивачите ќе му дадат голема поддршка на Шкупи во обидот да се стигне до следната фаза од елитното натпреварување.
„Драги граѓани на Скопје и подржувачи на Шкупи, во вторник сме на чекор до испишување на историја и пласман во третата квалификациска рунда во ЛШ. За да се случи ова, на нашиот тим му е потребна поддршка. Дојдете на Арената, ни треба вашата поддршка“, стои во пораката на Шкупи упатена преку социјалните мрежи.
Билетите за дуелот Шкупи – Динамо Загреб чинат од 150 до 1.000 денари, а може да се купат на плоштадот „Скендербег“ и на билетарата на стадионот во Чаир.