Шмајхел: Судијата е херојот на Ливерпул

Ливерпул е на најдобар можен пат да стигне до првата титула во англиското првенство по пауза од 30 години, откако стигна до 17 победи и едно реми во досега одиграните 18 средби. Во дербито кое синоќа се играше на стадионот „Кинг пауер“, Ливерпул како гостин со 4:0 го растури Лестер.

Фирмино погоди за 1:0 во 31-вата минута, а потоа во периодот од 71-вата до 78-мата минута гостите дадоа уште три гола за убедлива победа. По завршување на дуелот, голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, го обвини судијата како виновник за поразот. ВО 71-вата минута Ливерпул доби пенал за водство од 2:0, а потоа се растури играта на домаќините.

„Бевме во игра на мечот сè додека судијата не реши да биде херојот“, рече Шмајхел.

По 19 одиграни меча, Лестер е втор со 39 бодови и веќе заостанува 13 бодови зад лидерот Ливерпул, кој има и меч помалку. Лестер веќе утре го игра дуелот од 20-тото коло, и тоа на гости кај Вест хем, додека Ливерпул в недела е домаќин на Вулверхемптон.

 

- Оглас -

Најнови вести