Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Антони, е исфрлен од бразилската репрезентација за мечевите со Боливија и Пери откако беше покрената истрага за физичко злоставување на поранешната девојка Габриела.
Претседателот на Фудбалската федерација на Бразил потврди дека Антони е тргнат од листата на репрезентативци и ќе биде заменет со напаѓачот на Арсенал, Габриел Жесус.
Фудбалерот е известен дека не може да биде дел од националниот тим на Кариоките бидејќи против него е покрената истрага од страна на полицијата која обезбедила нови докази за неговото малтретирање на поранешната девојка.
Според бразилските медиуми, полицијата има и аудио и видеоснимки, како и потврди од лекари дека фудбалерот ѝ нанел тешки повреди на поранешната девојка Габриела.
Наводно, Антони ја извлекол Габриела од дискотека, ја внел во својот автомобил и потоа возејќи со голема брзина ѝ се заканил дека ќе ја исфрли од автомобилот ако не му прости.
Потоа, на 15 јануари годинава, тој ѝ ја исекол косата и ја удирал во градите, поради што Габриела морала подоцна да оди на оперативен зафат.
Но, нападите на фудбалерот тука не завршуваат, наводно ја гаѓал и со шолја, а Габриела во желба да ја заштити главата, добила сериозни повреди и расекотини на прстите.
Доказите кои ги поседува бразилската полиција укажуваат дека фудбалерот на Манчестер јунајтед е патолошки љубоморен, дека има изливи на бес кои не може да ги контролира и дека физичкото насилство не е непознато за него.
Фудбалерот се огласи преку социјалните мрежи порачувајќи дека одамна е предмет на истрага и дека во целост соработува со полицијата.
Антони е вториот фудбалер на Манчестер јунајтед кој се наоѓа под истрага за малтретирање на поранешната девојка, Мејсон Гринвуд заврши на суд, но на крајот беше ослободен од обвинувањата.