Актуелниот европски првак Пари Сен Жермен неочекувано загуби со 0:1 од Ботафого во второто коло на Светското клупско првенство во САД. Францускиот гигант беше огромен фаворит пред мечот, но на теренот играчите на Ботафого успеаја да го задржат еден од најдобрите напади во светот и на крајот дури и да победат со 1:0.
Единствениот гол на мечот го постигна Игор Жесус во 36-тата минута. Бразилците беа фокусирани да се бранат и со повремени напади да го изненадат противникот. На крајот таа тактика се покажа како перфектна за да стигнат до победа.
ПСЖ имаше 75 отсто посед на топката, дури 16 удари кон голот на противникот (само два во рамките на голот), изведоа 10 корнери, но не постигнаа ниту еден гол. Ботафого изведе само еден корнер, имаше 25 отсто посед на топката, но сите четири шута кои ги упати кон голот на ПСЖ беа прецизни и во рамките на голот, а еден заврши и во мрежата.
Оваа победа на Ботафого дополнително ги искомплицира работите во групата во која утрово Атлетико Мадрид со 3:1 славеше над Сиетл. Бариос уште во 11-тата минута го доведе Атлетико во предност, а потоа Вицел зголеми на 2:0 во 47-мата минута. Сиетл намали на 1:2 со погодокот на Руснак во 50-тата минута, а дилемите околу победникот беа решени кога Бариос со својот втор погодок зголеми на 3:1 во 55-тата минута.
По овие резултати, Ботафого е прв на табела со шест бода, пред ПСЖ и Атлетико Мадрид, кои имаат по три бода, а Сиетл е последен без бодови. Атлетико има многу лоша гол-разлика (минус 2), додека Ботафого е со плус 2 гола разлика, а ПСЖ има плус три гола разлика.
Тоа значи дека Атлетико Мадрид во последното коло ќе мора да брка победа барем од три гола предност против Ботафого, секако под услов и ПСЖ да не дозволи изненадување против Сиетл.