Шок за УЕФА, Белорусите ќе го пренесуваат ЕП 2024 без да платат за ТВ права

Верувале или не, белоруската телевизија ќе врши преноси од Европското првенство во фудбал без да ги плати скапите ТВ права.

Како што е познато, пред две години УЕФА донесе одлука да ги исфрли руските клубови и репрезентации од сите свои натпреварувања, додека Белорусите беа казнети на нешто поблаг начин, не можат да играат дома, но се домаќини на неутрални терени, и зад „затворени врати“.

Бидејќи на белоруските власти, на чело со претседателот Александар Лукашенко, не им се допаѓаат ваквите санкции, настана една многу интересна ситуација.

Натпреварите од Европското фудбалско првенство ќе се пренесуваат и во Белорусија, иако таа земја не платила ниту едно евро за тие преноси (а, светскиот фудбал, и воопшто модерниот спорт практично „живее“ од таа продажба на правата за ТВ преноси).

Технички е прилично лесно изводливо, сигналите се релативно лесно достапни, а во Белорусија ќе биде и легално, врз основа на сегашната законска регулатива која моментално владее на белоруска територија.

Имено, Министерството за информации на Белорусија соопшти дека УЕФА, чие седиште е во Швајцарија, и Германија, која е домаќин на ЕВРО 2024, се сметаат за „непријателски земји“ и затоа „со оваа резолуција, министерството ја овластува белоруската телевизија да прикажува натпревари од Европското првенство без согласност на УЕФА“.

Од 2023 година, во Белорусија постои закон кој дозволува пренос во живо на настани без барање и добивање согласност од носителот на правата, доколку носителот на правата е од таканаречената „непријателска земја“.

Токму затоа сите Белоруси на својот јавен сервис ќе можат да го гледаат ЕВРО 2024 од 14-ти јуни до 14-ти јули.

- Оглас -

Најнови вести