Шпанската преселба на помали стадиони продолжува и по Реал Мадрид, сега и Леванте ќе ги доигра домашните мечеви на алтернативна арена во Ла Нусија.
Мечевите до крајот на сезоната ќе се играат без присуство на публика, па логично е клубовите да се одлучуваат за вакви решенија.
Прв потег повлече Реал Мадрид, клуб што објави дека нема да игра на својот храм „Сантијаго Бернабеу“, туку сезоната ќе ја доигра на „Алфредо ди Стефано“. Кралскиот клуб ја искористи одлуката да не се игра без публика за да го реновира својот главен стадион, а тоа ќе го стори и Леванте.
Енис Барди и соиграчите ќе ги доиграат домашните мечеви на помал стадион, а во меѓувреме „Сиудад де Валенсија“ ќе добие нов покрив на едниот дел од трибините.
Шпанското првенство ќе продолжи на 11-ти јуни, а Леванте и Барди ќе имаат дерби-меч за одигрување веднаш на рестартот, против градскиот ривал Валенсија, но на „Месталја“.