Шпанскиот второлигаш Фуенлабрада веројатно е најчудната жртва на пандемијата со корона-вирусот откако раководството на Ла Лига им го одзеде правото да играат во плејофот за пласман во највисок ранг.
Клубот пред почетокот на последното коло во Сегунда го зафати сериозен бран на зараза со ковид-19, па не можеа да го одиграат мечот со Депортиво ла Коруња.
Фуенлабрада пријави дури 28 членови на клубот со позитивни тестови, па мечот што требаше да се игра на 20 јули, првично беше одложен.
Клубот од околината на Мадрид требаше само да ремизира против противникот што веќе испадна, но со одлука на Ла Лига немаше ниту време да се чека, ниту слободен термин да се одигра мечот, па наместо Фуенлабрада, во плејофот се протна Елче.
„Воопшто не сме виновни за ваквата ситуација на која никако не можевме да влијаеме. Ги почитувавме сите правила и протоколи и препораки од Ла Лига. Ние сме оштетени и ни е одземена шансата да играме за пласман во Првата шпанска лига“, објавија од Фуенлабрада.
Регуларниот дел од првенството во Втората лига е завршен со еден неодигран меч, па Елче со 61 бод, еден повеќе од Фуенлабрада, е на шестото место и ќе игра против Сарагоса во полуфиналниот дуел за пласман во елитен ранг.
Во второто полуфинале ќе играат Алмерија и Жирона, а најдобрата екипа од квартетот учесници во плејофот ќе им се приклучи на Уеска и на Кадис како нови прволигаши.