Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, кажа дека клубовите во англиската Премиер лига се „финансиски допингувани“ откако потрошија 1 милијарда долари во јануарскиот трансферен-период и со таа сума ги надминаа трошењата на сите други четири лиги заедно од топ петте првенства во Европа.
Според Тебас, премиерлигашите прават милионски загуби и УЕФА треба да им се вмеша околу правилата за финансискиот ферплеј.
„Читам за моќта на Премиер лигата, но тоа е првенство базирано на многумилионски загуби на клубовите, редовните приходи не им ги покриваат трошоците. Повеќето од тие клубови се финансиски допингувани“, порача Тебас на „Твитер“.
Во клупските каси се инјектираат пари кои не се генерирани од клубовите и според Шпанците, тоа е измама затоа што ги повлекува надолу останатите лиги.