Шпанците „пукаа петарди“, Италија без казнетите Кен и Ѕаниоло ја урна Белгија

Шпанија славеше со 5-0 против младата репрезентација на Полска и го освои првото место во групата А од Европското првенство за играчи до 21 години, па така актуелните вицешампиони ќе играат во полуфиналето. За убедливиот триумф на Црвената фурија се погрижија Форналс, Ојарзабал и Руис во првото полувреме, додека Себалјос и Мајорал во вториот дел ги решија сите дилеми.

Во исто време се играше и дуелот меѓу Италија и Белгија, а младите Аѕури се радуваа на победа со 3-1 иако во составот недостасуваа двајца клучни играчи, Мејзе Кен и Никола Ѕаниоло, кои беа казнети со еден меч неиграње поради секс скандалот кој се појави на социјалните мрежи пред неколку дена.

Барела и Кутроне ѝ донесоа удобна предност на Италија, додека Вершерен намали на 2-1 во 79-тата минута. За да нема непосакувано изненадување, Кјеза во последната минута од регуларните 90 го реши натпреварот.

По трите меча по групи, Шпанија, Италија и Полска имаат по 6 бода, но младите Шпанци имаат најдобра гол-разлика и го освоија првото место. Италија е втора и ќе го чека конечниот исход од групата второпласирани за да дознае дали ќе игра во полуфиналето од младинското ЕП.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести