Шпанците во небрано: 38-годишен ветеран ќе мора да биде стартер во полуфиналето со Франција

Репрезентацијата на Шпанија скапо го плати својот пат до полуфиналето на Европското првенство и победата над Германија, па сега се наоѓа во големи проблеми.

Тројца фудбалери дефинитивно отпаднаа за дуелот со Франција во полуфиналето, а неколку се со неизвесен статус поради повреди.

Црвен картон во четвртфиналето доби искусниот десен бек Дани Карвахал, кој на крајот на мечот со еден прекршок веројатно спречи гол, а поради жолти картони против Франција не може да игра ниту стоперот Робин Ле Норман.

Селекторот Луис де ла Фуенте не може да смета ниту на младиот играч за врска Педри, кој доби повреда по жестокиот старт од Тони Крос уште на почетокот на претходниот дуел, а шпанските медиуми сега носат нови лоши вести за Фуријата.

По дуелот со Германија повреден е и одличниот Дани Олмо, кој имаше асистенција за победничкиот гол и сега се поставува прашањето кој ќе игра како офанзивен играч за врска против Франција.

Критична е и позицијата на десниот бек, каде што моментно единствена опција е 38-годишниот ветеран Хесус Навас, кој треба да биде стартер против Франција ако селекторот Луис де ла Фуенте не одлучи да експериментира.

Натпреварот Шпанија – Франција се игра утревечер од 21 часот на „Алијанц арена“ во Минхен, а победникот ќе се пласира во финалето на ЕВРО 2024, каде што ќе го чека подобриот од второто полуфинале меѓу Холандија и Англија.

- Оглас -

Најнови вести