Некогашната најдоброрангирана светска тенисерка Викторија Азаренка приреди скандал на ВТА-турнирот во Мајами откако при негатива од 2:6 и 0:3, без јасна причина ѝ го предаде мечот на 16-годишната Линда Фрухвиртова.
Азаренка пред да го загуби третиот гем од вториот сет му се обрати на својот тренер во публиката дека не може повеќе да игра, а веднаш откако имаше негатива од 0:3, го предаде мечот.
Белорусинката потоа не сакаше ниту да го испочитува стандардниот протокол и да биде прегледана од медицинскиот тим на турнирот за да се провери дали е повредена и што ја мачи.
Wow…. pic.twitter.com/SuVWW7cQZ1
— Marty (@Svitoflopina) March 27, 2022
Азаренка потоа се смири и даде изјава во обид да објасни што се случи.
„Воопшто и не требаше да играм денеска. Минатите неколку недели се стресни за мене. Играв само заради публиката, но очигледно е дека не требаше и дека погрешив. Се надевам дека по паузата, повторно ќе можам да играм тенис“, изјави популарната Вика, која ѝ се извини и на публиката во Мајами.
Таа се расплака за време на претходниот турнир во Индијан Велс, а очигледно е дека војната во Украина тешко ѝ падна.

