Барселона е се подалеку од посакуваниот ангажман на десниот бек Диого Далот, кој веројатно ќе го продолжи договорот со Манчестер јунајтед, а најголем ќар во ситуацијава може да биде Јосип Јурановиќ.
Хрватскиот десен бек игра извонредно на Мундијалот и со Хрватска се проби до полуфинале, а добри игри на Светско првенство се вистинска препорака за трансфер во поголем клуб.
Јурановиќ кој има 27 години и игра за Селтик, сега има огромна шанса да замине во уште поголем гигант, во редовите на Барселона.
Игра импресивно во Катар, а Селтик веќе одби понуда од Атлетико Мадрид, бидејќи шпанскиот клуб одби да плати 17 милиони евра.
Сега веројатно цената за Јосип е повисока, а Барса е заинтересирана за негов ангажман веќе во зимскиот преоден рок што следи.
Јурановиќ е многу интересна приказна и пред 8 години беше аматер. Настапуваше за хрватскиот нисколигаш Дубрава и потоа пријава за турнир на таленти што го организираше „Најки“ му го смени животот и му помогна да почне сериозна кариера.
Беше прогласен за најдобар играч на кампот на „Најки“ во 2014 година, следната година пристигна во Хајдук, потоа во Легија и сега во Селтик, со шанса да ја засили Барселона.
Јурановиќ има можност да биде и светски првак со Хрватска, а за тоа му треба победа утре против Аргентина во првото полуфинале од 20 часот, а потоа и триумф во евентуалното финале на 20. декември со подобриот од мечот Франција – Мароко.