Историјатот на меѓусебните дуели против селекциите кои се најдоа во група со Македонија во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија, најавува дека ќе ни биде пеколно тешко да се пласираме на ЕП.
На ЕП одат само првите две селекции од групата, како што кажа и селекторот Милевски, фаворити се Италија и Англија.
Со Италија која ни се падна од првиот шешир, Македонија има играно три пати, и има по една победа, пораз и нерешен резултат. Најпрвин во Скопје несреќно загубивме со 2-3, со гол примен во финишот, па на гости извлековме 1-1, а најсвежи се сеќавањата од март годинава кога во Палермо ги шокиравме Аѕурите со 1-0 и ги оставивме без учество на СП во Катар.
Англија ја немаме победено, но имаме две ремија (2-2 и 0-0) во четирите меѓусебни пресметки, и тоа на гостувањата. Поразите беа дома и тоа минимални со 0-1 и 1-2, што значи дека однапред не сме отпишани ни против Гордиот Албион.
Украина е традиционално незгоден ривал за Македонија. Од петте досегашни меѓусебни дуели, Украина победила трипати (1-2, 0-2, и 0-1), а по еднаш било нерешено (0-0) и еднаш наша победа (1-0).
Против Малта, традицијата ни е позитивна и не би смееле да киксираме. Од шесте пресметки, имаме пет победи еден нерешен резултат од 1-1. Малта сме ја победувале и со убедливи 5-0 и 4-0, па тие ни се ривал кој ни лежи.