Швеѓаните ќе се жалат на одлуката на УЕФА за мечот Романија – Косово, а засегната е и Македонија

По одлуката на Европската фудбалска федерација (УЕФА) во корист на Романија против Косово, Фудбалската федерација на Шведска најави жалба бидејќи оваа одлука директно ги засега нив. Покрај Швеѓаните, ја засега и Македонија.

УЕФА реши натпреварот меѓу Романија и Косово, кој беше прекинат во 94-тата минута откако гостинските играчи го напуштија теренот поради скандирањата „Србија, Србија“, да го регистрира со службен резултат 3-0 во корист на Романците. Ова сериозно влијаеше на пласманот за претстојниот бараж за Светското првенство, иако квалификациите сè уште не започнале.

Резултатот од 3-0 има директни последици врз квалификациите и можниот бараж, а најмногу е погодена Шведска, но и Македонија.


Со овој службен резултат, Романија ги престигна Швеѓаните на листата на најдобрите победници во групите од Лигата на нациите. Само четири победници на групи во Лигата на нациите можат да се пласираат во баражот доколку не обезбедат едно од првите две места во квалификациите за СП 2026.

Шведска сега може да остане без место во баражот поради тоа што УЕФА одлучи Романија „на маса“ да добие три гола против Косово.

Како што пренесува шведскиот медиум „ТВ4“, Шведска ќе поднесе жалба до ЦАС во надеж дека УЕФА ќе ја поништи својата одлука, со што би им се вратил статусот на најдобар победник на група во третиот ранг на Лигата на нациите.

Исто така, претставниците на Фудбалската федерација на Косово веќе се жалат на одлуката на УЕФА, тврдејќи дека играчите на Косово биле во право кога го напуштиле теренот.

- Оглас -

Најнови вести