Речиси целата досегашна кариера Лукас Васкес ја помина во дресот на Реал Мадрид. Како 16-годишен тинејџер пристигна во школата на Реал, потоа ги помина сите категории, па во 2015 година дебитира за првиот тим.
Од тој момент, една цела деценија Васкес е дел од Реал Мадрид. Најчесто игра на десната бековска позиција, но по потреба знаел добро да се трансформира и на други позиции.
Актуелниот договор на Васкес кој ја има честа да биде еден од капитените на екипата, истекува на 30 јуни годинава, а Реал нема да му го продолжи. Тоа значи дека веќе искусниот 33-годишен бек ќе мора да бара нова средина.
Васкес одигра 398 меча за Реал во кои постигна 38 гола, а има и 73 асистенции. Со Кралскиот клуб се радуваше на четири титули во Примера дивисион, пет трофеи во Лигата на шампионите, четири европски Суперкуп пехари, три ФИФА светски клупски првак, две шпански титули на Суперкупот и еден трофеј во Купот на Шпанија.
На местото на Васкес од следната сезона на десната бековска позиција ќе биде Трент Александер-Арнолд кој доаѓа на „Сантијаго Бернабеу“ како слободен играч од Ливерпул.