Македонија никогаш не ја победила Белгија, но имаме две ремија против Црвените ѓаволи, од кои едното во јуни во Скопје, другото пред 31 година во Брисел, и тоа дава надеж дека избраниците на Благоја Милевски вечерва во Гент може да извлечат поволен резултат против осморангираната селекција на ФИФА-листата.
Ако се погледне гол-разликата на двата тима во овие квалификации за СП 2026, јасно е дека силата на Белгија е во нападот, а на Македонија во одбраната. И белгискиот селектор Руди Гарсија рече дека Македонија е тим кој тешко прима голови и ќе треба да најдат начин како да го решат тој проблем, особено што ќе го нема нивниот најопасен напаѓач Ромелу Лукаку.
Белгија постигна само еден гол во Скопје, а потоа на наредните три дуели со Велс, Казахстан и Лихтенштајн даде дури 16 гола, што е над пет во просек. Што се однесува до одбраната, Белгија прими четири гола, од кои три дома против Велс.
Од друга страна, Македонија има примено само два гола на пет меча во овие квалификации, двата во Скопје, по еден против Велс (во последните секунди од мечот) и Белгија.