Силвио Мариќ има рецепт за Динамо: Офанзива од старт, па и да „загинеме“, нека биде јуначки

Силвио Мариќ беше актер на драматичниот двомеч во 1997 година меѓу Динамо Загреб и Њукасл за влез во Лигата на шампионите, а популарните Модри тогаш испаднаа по голот на Темур Кецбаја во 116-тата минута, откако двата дуели завршија со победи на домашните екипи од по 2:1 во регуларниот дел.

Мариќ потоа играше за Њукасл, а вели дека Динамо утре од 18.55 часот треба да мисли само на офанзива против Манчестер сити, во нов клучен меч за хрватскиот првак против англиски тим.

„Јас ако се прашувам, треба да играме офанзивно од првата минута. Да го нападнеме Манчестер сити, па и да се загине, нека биде јуначки“, вели Мариќ.

Динамо и со победа може да не оди во следната фаза во ЛШ, но секако ќе обезбеди настап во Лигата на Европа. Шахтар има предност од еден бод и игра дома со Аталанта. Ако Украинците победат, тогаш Динамо без разлика на исходот на мечот со Манчестер сити ќе игра во Лигата на Европа.

„Манчестер сити тогаш беше клуб со просечен квалитет, но има долга и богата традиција. Имаат многу навивачи во градот, дури мислам и повеќе од Јунајтед, но тогаш немаа пари како што имаат сега. Гвардиола е одличен тренер, имаат квалитетен тим. Но Динамо нема што да загуби и мора да игра напаѓачки“, додава Мариќ.

За настап подготвен е и нашиот репрезентативец Аријан Адеми, кој ќе биде капитен на Динамо утре, од 18.55 часот, на „Максимир“.

 

- Оглас -

Најнови вести