Симоне Инѕаги на разочарувачки начин ја заврши сезоната во Интер. Иако беше во трка за освојување на тројна круна, на крајот Интер остана со празни раце и без ниту еден трофеј. Финишот на сезоната беше посебно очаен затоа што Интер го претрпе најубедливиот пораз во едно финале на Лигата на шампионите откако загуби со 5:0 од Пари Сен Жермен.
Веднаш по финалето во ЛШ започнаа шпекулации дека Инѕаги ќе си замине од Интер, а тоа станува многу поверојатно откако дојдоа информациите дека Ал-Хилал добил „зелено светло“ да го ангажира италијанскиот стратег.
Клубот од Саудиска Арабија на маса му поставил договор на Инѕаги за тригодишна соработка и сега е на Интер дали ќе прифати. Доколку се случи Интер да го пушти Инѕаги во Ал-Хилал, како најсериозна опција за наследник на клупата на Интер е Сеск Фабрегас, кој имаше одлична сезона како предводник на Комо.