Симоне Инѕаги е на чекор од заминување од клупата на Интер. Според информациите од италијанските медиуми, тој веќе донел одлука да ја прифати понудата од Ал-Хилал и во вторник ќе ја соопшти својата одлука на Бепе Марота. Поразот од ПСЖ во Минхен изгледа беше пресуден, а дополнителна тензичност донела и расправијата со Давиде Фратези, кој не доби шанса да настапи на финалниот натпревар.
Инѕаги е незадоволен и од ситуацијата во клубот, особено поради ограничените финансии и недостатокот на поддршка од страна на американските сопственици. Единствениот играч кој би можело да донесе значителни средства преку продажба е Фратези, што дополнително ги отежнува плановите за засилување на тимот.
Во случај на заминување на Инѕаги, Интер веќе размислува за потенцијални наследници. Најсериозни кандидати се Сеск Фабрегас, кој ги одби Милан и Рома, и Роберто де Ѕерби, кој има договор со Марсеј, но би можело да биде привлечен од проектот на Интер. Првичната идеја беше Макс Алегри, но тој се договори за враќање во Милан.
Во меѓувреме, клубот работи на засилувања. Веќе се договорени трансфери на Лука Сучиќ од Реал Сосиедад и Бразилецот Луис Енрике, а ќе биде откупен и Матијас Залевски од Рома. Интер бара и напаѓач, а како опции се споменуваат Денис Бони од Парма и Расмус Хојлунд, кој не се снајде во Премиер лигата.
Од тимот сигурно ќе заминат Арнаутовиќ, Тареми и Хоакин Кореа, додека Ачерби и Дармијан ќе ги продолжат договорите. Можно е да останат и ветераните Стефан де Фрај и Хенрих Мхитарјан.
Во вторник се очекува официјална потврда за иднината на Инѕаги, но сè повеќе изгледа дека Интер е на прагот на новата ера.