Синер: Очекувам Ѓоковиќ да игра на Вимблдон

Јаник Синер, кој вчера стана прв италијански тенисер во историјата кој бил број 1 на АТП ранг-листата на најдобри на светот, изјави дека верува дека Новак Ѓоковиќ ќе игра на Вимблдон, кој почнува на 1 јули.

Ни докторот кој го оперираше Новак не верува дека Србинот ќе биде спремен за Вимблдон, но Синер мисли поинаку. На Синер во мислите му е и олимпиското злато.

„Беше одличен момент кога сфатив дека станав број 1, но тажен сум што не се пласирав во финалето на Ролан Гарос. Се утешив кога се сетив дека за еден месец на истото место ќе се одржат Олимписките игри. Најдобар начин да се избрише оваа горчина ќе биде да освојам златен медал“, рече Синер.

И Новак Ѓоковиќ силно го посакува олимпиското злато, единствениот важен трофеј кој му фали во кариерата. Новак е во процес на закрепнување од операцијата на коленото и најавите се дека би требало да игра на олимпискиот турнир во Париз.

Синер смета дека Ѓоковиќ на терен ќе се врати многу пред ОИ во Париз.

„Очекувам Ѓоковиќ да игра и на Вимблдон. Целта му е што побрзо да се врати на терените, а тоа ќе може да го постигне веќе во Лондон. Би било голема загуба да не го видиме таму“, изјави Италијанецот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести