Најдобриот тенисер во светот во моментов, Јаник Синер, направи изненадувачки потег откако само на три дена пред почетокот на Вимблдон реши да ги отпушти фитнес тренерот Марко Паничи и физиотерапевтот Улисес Бади. Нејасно беше зошто Синер се одлучи на ваков потег и тоа непосредно пред стартот на Вимблдон, но сега се откриени причините.
Според италијанскиот весник „Кориере дела сера“, Паничи во разговор со новинарите открил дека по сензационалниот пораз во финалето на Ролан Гарос, Синер плачел 15 минути во соблекувалната.
Светскиот рекет број еден водеше со 2-0 во сетови против бранителот на титулата Карлос Алкарас, а потоа имаше три меч-топки во четвртиот сет, но трофејот повторно му припадна на Шпанецот.
Италијанецот беше вознемирен од фактот дека токму неговиот фитнес тренер Паничи открил дека тенисерот плачел во соблекувалната, но и за тоа дека Синер бил разочаран затоа што публиката во Париз навивала за Алкарас.
Синер и претходно се жалел дека Паничи има „долг јазик“. Неговиот физиотерапевт Бади беше само колатерална штета при добивањето отказ.
Синер го реши проблемот враќајќи го на Умберто Ферара, фитнес тренерот кој беше централна фигура во скандалот со допинг поради кој беше суспендиран три месеци.
Паничи исто така не губеше време, туку најде ангажман во тимот на Холгер Руне.