Најдобриот тенисер во светот според АТП листата, Јаник Синер, ќе мора да се појави на сослушување на 16 април, поради допонг-скандалот во кој тој беше вмешан. Пред речиси една година Синер два пати беше позитивен на допинг тестот, но засега нема добиено никаква суспензија и казна, затоа што вешто објаснил дека воопшто не знаел дека во неговото тело има недозволени супстанции.
Сепак, Светската антидопинг агенција реши да се жали на одлуката на Спортскиот арбитражен суд (ЦАС), па останува опцијата италијанскиот тенисер да добие двегодишна суспензија.
Синер моментално се подготвува за првиот гренд-слем турнир за 2025 година, Отвореното првенство на Австралија, каде ќе го брани трофејот освоен минатата сезона. Италијанецот и сега важи за главен фаворит за освојување на вредниот пехар.