Италијанскиот тенисер Јаник Синер на најдобар можен начин ја финишира неговата најдобра сезона во кариерата. Синер синоќа триумфира на завршниот турнир во Торино откако со 6:4, 6:4 го победи Тејлор Фриц, потврдувајќи зошто е број 1 на АТП-листата.
На турнирот во Торино, Синер не загуби ниту еден сет во петте меча кои ги одигра. За освојување на овој Мастерс си заработи 4,8 милиони долари. Пред турнирот во Торино, Синер одигра три натпревари на егзибицискиот турнир во Саудиска Арабија, каде што исто така беше најдобар и заработи шест милиони долари.
Тоа значи дека Синер во последните 30-тина дена одигра осум меча, победи на сите и освои два турнири за кои заработи неверојатни 10,8 милиони долари. Тоа значи дека секоја победа во овој период во просек му донела по 1,3 милиони долари.
Италијанецот најави дека во 2025 година очекува да продолжи со исто темпо.
„Следната година мислам дека ќе биде иста како оваа. Ќе бидам смирен, сериозен, но и опуштен. Мора да има баланс. Морате да верувате во себе. Верувам дека ќе бидам најдобро можно подготвен за следниот гран-слем во Мелбурн, кој се игра во јануари“, рече Синер, кој доминираше во 2024 година и имаше неверојатен биланс дури од 70 победи и само шест порази.