Градот Манчестер е обединет денеска, 6 февруари е датум на кој се заборава ривалството и се жали по загубените животи од авионската несреќа во 1958 година, кога при полетувањето од Минхен, падна авионот во којшто беа фудбалерите на Манчестер јунајтед, стручниот штаб и новинари.
На лице место загинаа 20 луѓе од вкупно 44 колку што беа во авионот, а подоцна како последица од повредите, починаа уште тројца, а 21, меѓу кои и легендата Боби Чарлтон и тренерот Мат Безби, ја преживеаја трагедијата која се случи при третиот обид за полетување на авионот.
Екипата на Јунајтед, позната под прекарот „Безбиевите бебиња“, се враќаше од Белград, каде што играше со Црвена ѕвезда, и требаше да игра полуфинале во Купот на европските шампиони, денешната Лига на шампиони.
Денеска и во Манчестер сити изразуваат почит кон загинатите, еден од загинатите пред 66 години е и нивен поранешен играч, па не се гледа дали сте за Сините или за Црвените, тагата и почитта е заедничка, како и желбата такво нешто веќе никогаш да не се повтори.