Денеска се играат осум меча од последното коло во Лигата на шампионите, каде што три групи веќе се „решени“. Наполи, Ливерпул, Бриж, Порто, Баерн Минхен и Интер ќе бидат дел од осминафиналето, но енигмата е во Група Д, каде што сите четири екипи се со свои желби и калкулации за тоа што треба да направат за да останат во елитното друштво.
Тотенхем моментно е лидер со осум бодови, пред Спортинг со 7, колку што има и Ајнтрахт Франкфурт, додека Олимпик Марсеј досега освои шест бодови. Марсеј иако е последен, сам си решава и ако вечерва на свој терен го победи Тотенхем, ќе има девет бодови, доволно да влезе во нокаут-фазата, па дури и како прв во групата.
Доколку мечот во Марсеј заврши нерешено, Тотенхем ќе има девет бодови и ќе слави пласман меѓу најдобрите 16 во Европа. Англичаните со победа вечерва без никакви други калкулации ќе бидат први во групата.
Спортинг во Лисабон е домаќин на Ајнтрахт Франкфурт. Португалците го победија Ајнтрахт на гости и ако вечерва повторно се радуваат, ќе бидат сигурно на една од првите две позиции. За Ајнтрахт постои една опција, а тоа е гостите од Франкфурт само да бркаат три бода во Лисабон. Ако успеат да слават, тие ќе бидат во осминафиналето на ЛШ.
Што ќе биде ако има некој меч нерешено? Тотенхем и со нерешено сигурно ќе продолжи понатаму, а Марсеј сигурно ќе испадне. Ако во Лисабон нема победник, Спортинг и Ајнтрахт ќе имаат по осум бодови, а во тој случај португалскиот тим е во предност.
Најкомплицираната опција е да е реми во Лисабон, а Марсеј да победи, па во тој случај Олимпик би имал 9 бодови, а Тотенхем, Спортинг и Ајнтрахт сите би освоиле по 8 бодови. Во тој случај се прави мини-табела од трите селекции и се гледа меѓусебниот скор само на овие три екипи.
Во таква ситуација на мини-табела, Спортинг би имал 8 бода, Тотенхем ќе има пет, а Ајнтрахт само два бода, што значи дека тимот од Лисабон би бил втор на крајот во групата со еден ваков драматичен расплет.