Шкендија заврши огромна работа, не мирува и Силекс

Во исчекување на почетокот на втората фудбалска полусезона во македонското првенство, клубовите кои се во борба за висок пласман не мируваат. Актуелниот шампион Шкендија направи одличен потег откако успеа до крајот на сезоната да го задржи Решат Рамадани.

Репрезентативецот официјално е фудбалер на Динамо Киев, но во Шкендија останува како позајмен играч до крајот на сезоната. За Шкендија ова е одлична вест, посебно пред нокаут двомечот против Самсунспор во 16-финалето од Конференциската лига. Тетовскиот тим секако дека уште е во трка и за титулата, иако заостанува шест бода зад лидерот Вардар.

Силекс веќе неколку дена во своите редови ги има двајцата нови играчи, еден домашен и еден странец. Дефанзивната линија на позиција десен бек треба да ја засили младиот Михаил Димитриевски, кој во претходниот период беше играч на Работнички, а има играно и за Брегалница.

Во кратовскиот тим пристигна и Мирза Делимиѓац од Србија. Делимиѓац треба да биде засилување во средниот ред. Тој е играч кој во минатото има настапувано во екипи од Србија, Бугарија, Албанија, Сингапур и Босна и Херцеговина.

Силекс е на подготовки во Анталија, каде што досега претрпе три порази во три средби.

 

- Оглас -

Најнови вести