Барселона ги заврши обврските во Ла Лига изминатиот викенд, по што играчите заминаа на одмор. До 28 јули сите се слободни, потоа им следуваат подготовки за продолжувањето на натпреварувањето во Лигата на шампионите, каде што Каталонците треба да го одиграат реванш-дуелот против Наполи во осминафиналето.
Само еден играч не го користи одморот, тоа е Усман Дембеле. Брзоногиот офанзивец веќе неколку месеци е надвор од натпреварувачки погон откако му беше направена операција на бутниот мускул на десната нога. Со индивидуални тренинзи почна пред една недела, а во периодот кој следува Дембеле ќе врши напори да биде „фит“ за претстојниот дуел со тимот на Џенаро Гатузо, кој е закажан за 8 август.
Последниот натпревар Дембеле го одира во ноември минатата година, оттогаш пропушти 24 меча во Ла Лига, односно во целата сезона 2019/20 запиша само девет настапи во првенството и ЛШ само со еден постигнат погодок.