Дефанзивецот на Манчестер сити Ајмерик Лапорт, потпиша нов договор со клубот според кој ќе се задржи на „Етихад“ до 2025 година. Лапорт е еден од клучните играчи во кој Гвардиола има огромна доверба, а само една година по неговото доаѓање во Манчестер, клубот одлучи да го награди со склучување нова соработка и поголема плата.
„Пресреќен сум што се обврзав на долг престој тука. Од денот кога пристигнав тука, сите се потрудија да се чувствувам како да сум дома. Сити поседува сѐ што мене ми треба да напредувам како фудбалер, а јас секој ден се трудам да бидам што подобар за мене, но пред сѐ за да можам да помогнам на тимот. Секако дека сакам да освојам што повеќе трофеи во кариерата, а знам дека сум на вистинско место за да ги исполнам моите амбиции“, истакна Лапорт за официјалнат веб-страница на англискиот првак.
Лапорт во јануари 2018 година пристигна од редовите на Атлетик Билбао за сума од 65 милиони евра, и веднаш се наметна во стартниот состав на Гвардиола. Од неговото доаѓање Французинот не порпушти ниту еден меч во Премиер лигата, јасно е дека е „столб“ на одбраната на „граѓаните“.
Покрај освоената шампионска титула од минатата сезона, Лапорт брои и еден трофеј од Лига Купот на Англија, кој во недела ќе може да го одбрани во финалето против Челзи.