Екипата на Манчестер сити со три гола во периодот од 24-тата до 39-тата минута извојува лесна победа над Фулам од 3-0 и дојде на три бода негатива зад Арсенал, кој има и еден натпревар помалку (утре гостува кај Брентфорд).
Антоан Семењо го отвори резултатот, а тој сезонава има 4 гола и три асистенции во мечевите со Фулам, кој очигледно му е омилена жртва.
Астон вила се мачеше, но со автогол во 87-мата минута победи со 1-0 над Брајтон и се зацврсти на третата позиција со три бода помалку од Сити. На овој меч во Бирмингам, Џејмс Милнер испиша историја со својот 653-ти настап во Премиер лигата.
Немаше голови во Нотингам каде што домашните доминираа против слабиот Вулверхемптон, но гостите некако одолеаја. Форест имаше дури 35 шутеви, од кои 10 во рамките на голот, но не знаеја како да постигнат гол и не ја затресоа мрежата, па освоија само бод.
Барнли, кој е „печен за испаѓање“, победи со 3-2 на гости кај Кристал Палас, и тоа во меч на кој првото полувреме имаше луд пресврт. Палас поведе 2-0 и се чинеше дека е на пат да победи, но гостите набрзина го свртеа резултатот. Ваков пресврт во кој тим што водел со два гола разлика, а губел веќе на полувреме, не беше виден во Премиер лигата 17 години.

