Поранешниот фудбалски судија Марк Клатенбург призна дека намерно досудил пенал за Атлетико Мадрид против Реал Мадрид во второто полувреме од финалето на Лигата на шампионите во 2016 година затоа што сакал да компензира за грешката која ја направи во првото полувреме, кога призна нерегуларен гол на Кралевите.
Вистинска реткост е судија да признае дека намерно компензирал, иако навивачите гледаат дека има многу такви ситуации.
Британецот Клатенбург сфатил дека направил грешка што го призна голот на Серхио Рамос бидејќи Рамос беше во офсајд во моментот кога Бејл ја допре топката со глава, но тогаш немаше ВАР и сакал некако да се извади со тоа што намерно ќе досуди нешто и на штета на Реал за да компензира.
„Фаулот на Пепе врз Торес беше можност да компензирам, беше 50-50, можеше и да не се досуди пенал, но одлучив да досудам за да ја компензирам грешката од голот на Рамос“, рече Клатенбург.
Пеналот го изведе Антоан Гриезман и топката заврши во пречката, па средбата во Милано заврши 1-1 и подоцна на пенали славеше Реал Мадрид.
„Мило ми е што Гриезман го утна пеналот бидејќи можеби и не беше пенал. Но, тоа беше перфектно сценарио за мене. Вака во Атлетико немаа право да ми се лутат дека сум ги оштетил“, додава Клатенбург.