Колбејн Сигтурсон и Рунар Мар Сигурјонсон беа исклучени од репрезентацијата на Исланд по пријава дека учествувале во сексуално вознемирување на неименувани припаднички на понежниот пол, а денеска селекторот Арнар Видарсон се закани со оставка непосредно пред мечот со Македонија.
На Видарсон му било сугерирано да ги изостави двајцата репрезентативци од составот за дуелите со Романија, Македонија и Германија во септемврискиот циклус, откако Синдикатот на жени во Исланд поднел пријави против нив.
Сигтурсон е играч на Гетеборг и е 31-годишен напаѓач под истрага за сексуално вознемирување на жена чиј идентитет не е објавен. Ист е случајот и со играчот од средниот ред на Клуж, Рунар Мар Сигурјонсон.
Проблемот е што по пријавата од Синдикатот, Видарсон морал да се откаже од нивните услуги.
„Не навлегувам во случајот, но некаков Одбор, или Синдикат не можат да одлучуваат за тоа кои репрезентативци ќе играат, или не. Тоа е веќе политика, што не е дозволена во спортот. Полицијата и истражните органи треба да си ја вршат својата работа, но се додека не се докаже вина не може да се влијае на одлука на селекторот. Или ако продолжи така, можете да си барате нов селектор“, изјави Видарсон.
И тој и Исланд веќе имаа огромни проблеми со случајот со капитенот Гилфи Сигурдсон, кој е обвинет за педофилија и ги заврши настапите за репрезентацијата, а сега два нови секс-скандали го тресат исландскиот фудбал, со можна оставка на селекторот Видарсон.
Исланѓаните веќе играа без играчите што се под истрага за секс-скандалите и загубија од Романија, пред два дена со 0:2 на домашен терен.
Мечот Исланд – Македонија ќе се игра утре во Рејкјавик од 18 часот.
Исланд