Луис Скола денеска го одигра својот последен натпревар во репрезентативната кариера. Членот на најуспешната генерација на Гаучосите, која во 2004 година го освои олимпиското злато, за жал, последниот меч во дресот на Аргентина го заврши со убедлив пораз, па веројатно затоа и не можеше да издржи да не пушти некоја солза.
Аргентинците беа немоќни против Австралија и тоа веројатно најмногу го болеше ветеранот Скола, кој никогаш порано немаше доживеано толку убедлив пораз со националниот тим.
Скола беше повлечен на 51 секунда до крајот, кога сите присутни во салата со аплауз и овации го поздравија големиот Луис. Ракоплескаа и судиите и австралиските кошаркари и стручниот штаб, кои знаеја да го ценат тоа што Скола го направи за кошарката во изминатите две децении.
Денеска последен меч во репрезентативните кариери одиграа и Шпанците Пау и Марк Гасол. Тие имаа блескави кариери во кои им фали само олимписко злато, а кариерата ја завршија со пораз од САД во четвртфиналето на ЛОИ во Токио.