Легендата на Манчестер јунајтед и англискиот фудбал, Пол Сколс, изрази сомнежи во способностите на новото засилување на Арсенал, Виктор Ѓокереш, и како тој ќе се вклопи во тактичката шема на Микел Артета, и покрај неговата импресивна форма досега во Спортинг.
Според Сколс, Швеѓанецот не бил напаѓачот што Артета првично го сакал.
„На Арсенал му беше потребен централен напаѓач, но се прашувам дали го добија вистинскиот. Имаше многу двоумење околу договорот, не сум сигурен дали Артета навистина го сакаше. Но, сега го доби“, рече Сколс во подкаст.
Голгетерската форма на Ѓокереш е неоспорна, даде 97 гола на 102 натпревари, но Скоулс не знае дали неговиот стил на игра успешно ќе се пренесе и во играта на Арсенал, која се потпира на посед на топката и трпелива игра, наместо на контранапади.
„Во Спортинг тој играше многу на контранапад, го гледате како спринтира од центарот, ги уништува дефанзивците, тој е брз, моќен и постигнува голови. Но, во Арсенал, каде што топката е постојано во посед, ќе мора да прави паметни потези во тесни простори. Може ли да го направи тоа?“, се прашува Сколс.
Топџиите вечерва играат против Виљареал и тоа ќе биде прва прилика за Ѓокереш пред публиката во Лондон да покаже што знае.