Скубе подобар од Дибиров и Чупиќ и си закажа четвртфинална пресметка со Кил

Ракометарите на Монпелје славеа во реваншот од осминафиналето од Лигата на шампионите против Загреб со 30:24 и се пласираа во четвртфиналето, каде што ќе играат против Кил. Првиот меч кој се играше во Загреб заврши без победник 27:27.

Овој двомеч претставуваше и пресметка меѓу ракометарите кои во 2019 година ја освоија титулата во ЛШ со Вардар – Сташ Скубе, кој сега игра за Монпелје, и Иван Чупиќ и Тимур Дибиров, кои настапуваат за хрватскиот шампион.

Дресот на Загреб го носи уште еден поранешен Вардарец, Патрик Валчак, но тој не беше дел од шампионската генерација на Црвено-црните.

Одлучувачки момент кој го одлучи победникот беше од 42-рата до 50-тата минута, кога Монпелје даде четири гола по ред и за првпат поведе со пет гола предност (24:19), која знаеше да ја зачува до крајот.

Токму Скубе беше најдобар кај францускиот тим со шест гола, додека Чупиќ даде четири гола за Загреб.

Претходно, пласман во четвртфиналето обезбеди и Кјелце, кој и во реваншот го победи ГОГ Гудме, овојпат со 33:28 и со вкупни 66:53 си закажа двомеч со европскиот шампион Магдебург.

- Оглас -

Најнови вести