Вардар го претрпе вториот овосезонски пораз во СЕХА лигата откако потфрли на гостувањето кај Нексе во Нашице со убедливи 36:32. Црвено-црните играа со доста осцилации и го загубија чекорот со противникот во средината од второто полувреме, што се покажа како клучен фактор за одредување на победникот.
Вардарци стартуваа очајно без погодок во првите седум минути од средбата, односно голманот Цар сее разбрани и му овозможи на својот тим да оствари убедливо водство од 5-0. Во осмата минута Чупиќ од пенал го скрши мразот, а тоа беше најава за експресно враќање на Црвено-црните и израмнување на 5-5 во 13-тата минута со голот на Георгиевски.
Следуваше нова мини-серија на Нексе за водство од 8-5, но од тој момент гостите од Скопје се разиграа и ја презедоа иницијативата за минимална предност од 11-10. Сепак, до паузата Нексе одново го сврте резултатот во своја корист по што го доби полувремето со предност од 15-14 откако Ристовски погоди од гол на гол во последната секунда.
Со израмнети сили тргнаа двете екипи во второто полувреме по што се играше гол за гол до 40-тата минута, пред Вардар да дозволи ново бегство на противникот со пет гола предност. До крајот Нексе успеваше да ја одржи предноста и да ја запише третата победа по пет кола во СЕХА лигата.
Јагањац и Кевиќ со по осум гола беа најефикасни од редовите на домашниот тим, но и голманот Цар одигра голема улога во победата со 16 интервенции. Кај Вардар, светла точка беше Дибиров со девет погодоци.