Петар Наумоски за многумина е најдобриот македонски кошаркар на сите времиња, а и тешко е да контрирате на тоа мислење со оглед на бројките кои ги имаше сигурно најдобриот поентер што сме го имале.
Наумоски во последните години ретко се појавува во јавност, но без проблем прифати да состави хуманитарен тикет за кој посакува да биде добитен и парите да завршат онаму каде што Пеце ќе мисли дека се најпотребни.
Роден во Прилеп пред 56 години, Наумоски како кошаркар настапуваше од 1989 до 2011 година. Како млад, со славниот тим на сплитска Југопластика/Поп 84 двапати беше европски првак, а ги има освојувано и Купот „Сапорта“ (двапати, со италијанските клубови Бенетон и Монтепаски Сиена) и „Радивој Кораќ“ (како играч на Ефес Пилсен, денешен Анадолу Ефес).
„Експлодираше“ во дресот на Работнички во 1991/1992, а се повлече како играч на МЗТ Скопје во 2011.
Трипати играше на европскиот ол-стар, освои многу трофеи, а Пеце Национале беше предводник и капитен на македонската репрезентација на првиот историски настап на Европските првенства во 1999 година, никогаш не одби да игра за националниот тим, а додека играше, редовно беше главен играч и лидер.
На тоа ЕП 1999, во првото коло на Французите им даде 21 поен, а потоа се повреди во клучниот меч со Израел и останавме без победа на тој шампионат. Настапи за Македонија и на првиот историски меч во 1993 година.
Како играч, најсилен печат остави во клубот Ефес од Истанбул каде се задржа и најдолго, па затоа Турците му направија голема чест во февруари 2017 година кога го повлекоа неговиот дрес со бројот 7.
Пеце и ден денеска е екстремно почитуван во турските кошаркарски кругови и меѓу фановите во таа земја, бидејќи во 90-тите тој помогна за развој на спортот со портокаловата топка во Турција. Тогаш Турците не беа на врвот туку се обидуваа да се пробијат, Наумоски со своите игри помогна да се оствари нивниот сон, а сега нивната лига е една од двете најсилни во Европа. Сезонава може да се случи два турски тима од кои едниот Ефес, да играат на фајнал-форот во Евролигата. Ништо од тоа не би било можно да не беше Наумоски и некои од неговите соиграчи кои го пробиваа патот пред 30-тина години.
Од 2015 до 2019 година, Петар Наумоски беше и претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, во негов мандат Македонија последен пат играше на Евробаскет, и успеа да ја одблокира сметката на федерацијата која долго беше блокирана и попречуваше нормално и легално функционирање.
Неговото име се спомнува и сега во комбинациите да биде во некоја улога како дел од новите структури на КФМ под водство на претседателот Томица Главчев.
На хуманитарниот тикет на Наумоски има осум интересни парови од натпревари кои се играат денеска, утре и задутре.