Фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска во Маракеш ја совладаа селекцијата на Буркина Фасо со убедливи 3-0 во натпревар од осминафиналето на Африканскиот куп на нации.
Избраниците на Емерс Фае рутински ја оправдаа улогата на фаворит против мотивиран, но квалитативно послаб ривал и заслужено изборија пласман во четвртфиналето на континенталното натпреварување.
„Слоновите“ од самиот почеток се наметнаа како подобар тим, а по најавата преку обидот на Кеси, дојдоа до водство во 20-тата минута. Амад Дијало одлично се снајде во казнениот простор и со прецизна реакција го совлада немоќниот Кофи.
Новата радост за Брегот на Слоновата Коска следеше брзо, веќе во 32-та минута, кога Јан Диоманде ја искористи асистенцијата на Дијало и го надмудри чуварот на мрежата на противникот, зголемувајќи на 2-0.
Буркина Фасо се обиде да возврати преку обидот на Уатара, но резултатот не се менуваше до крајот на првото полувреме.
Во вториот дел фаворитот рутински ја контролираше играта и не само што ја зачува, туку и ја зголеми предноста.
Конечните 3-0 ги постави резервистот Базумана Траоре, кој по одличен пробив по левата страна во 88-та минута ја затресе противничката мрежа.
Брегот на Слоновата Коска во четвртфиналето на АФКН ќе се соочи со селекцијата на Египет, која со 3-1 го елиминираше Бенин.

