Македонија со нетрпение ја чека ждрепката за мундијалската квалификациска група што ќе се случи денеска во Цирих од 18 часот, а интересно е што има и доста услови при извлекувањето, пред сè политички, но и климатски, па дел од репрезентациите не смеат да бидат ривали во квалификациите.
Нашата репрезентација е во четвртиот од вкупно шесте шешири и има подеднакви шанси да биде во една од петте групи со по пет репрезентации и во исто толку групи со по шест селекции.
Комбинации има разни, од група што најмногу би ни одговарала, до балкански состав со ривали од нашата околина, до екстремно тешка група, а патот до настап на СП во Катар 2022 година е исклучително тежок.
Европа има 13 места, 10 од нив ќе ги пополнат победниците во 10 групи, а сите 10 второпласирани селекции, заедно со две најдобри од Лигата на нациите ќе играат баражи за уште три билети за Мундијалот.
ПОЛИТКАТА ЌЕ ГИ КРОИ ГРУПИТЕ, КОСОВО ИМА НАЈМНОГУ БАРИКАДИ
Политичките проблеми меѓу неколку земји ќе влијаат и на денешната фудбалска ждрепка во Цирих, а во иста група не смеат да бидат Азербејџан и Ерменија, Шпанија и Гибралтар, Косово и Србија, Косово и Босна и Херцеговина, Косово и Русија и Русија и Украина.
Македонија, за среќа, не е во групата земји со политички проблеми и може да игра со секоја од 55-те земји членки на УЕФА, освен со тие што се во истиот четврти шешир со нас. Тоа значи дека противници во квалификациите не можат да ни бидат Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и Луксембург.
И КЛИМАТСКИТЕ УСЛОВИ ЌЕ БИДАТ ФАКТОР ВО ЦИРИХ
И климатските услови во дел од европските земји ќе бидат значаен фактор при ждрепката во Цирих и, на пример, Исланд и Фарски Острови не можат да бидат заедно во иста група.
На овие две земји на листата ќе им се приклучат и Белорусија, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Норвешка, Русија и Украина, па и од нив само две репрезентации можат да паднат во иста група за пат во Катар.
И далечните дестинации во Европа ќе го условуваат денешното извлекување, па Казахстан, на пример, може да биде во група само со една репрезентација од листата со дури 11 земји што ја сочинуваат Португалија, Англија, Андора, Фарски острови, Гибралтар, Исланд, Малта, Република Ирска, Северна Ирска, Шкотска и Велс.
Тука проблематичен е и Азербејџан, селекција што може да биде во ист состав во квалификациите само со една селекција од следните три, Португалија, Исланд и Гибралтар, а слично е и со Исланѓаните, кои можат да бидат ривали само со една селекција од следните четири, Ерменија, Кипар, Грузија и Израел.
Одредено е и дека четирите финалисти во Сегментот А од Лигата на нациите, Шпанија, Италија, Франција и Белгија посебно ќе бидат во една од петте групи со по пет репрезентации.