Без игра, екипата на Пелистер доби два бода на своето конто, откако Македонската кошаркарска федерација не му дозволи на Шкупи да игра поради неисполнети финансиски обврски. Средбата требаше да се игра денеска од 13 часот.
Ова е прв службен пораз за чаирчани, а ако не го решат проблемот за една недела, кога треба да играат со Вардар, ќе бидат исклучени од првата лига, и елитното друштво ќе продолжи со 10 тима, со тоа што во речиси секое коло би имало по два слободни тима.
Дека не е сè така црно во македонската клупска кошарка, ќе се обидат да покажат двата меча кои се закажани за 18 часот. Во Охрид гостува МЗТ Скопје Аеродром, а Гостивар го пречекува Фени индустри.
„Штрковите“ се големи фаворити на хартија против „галебите“, и ова им е генерална проба пред гостувањето кај Вршац во АБА 2 лигата, додека Гостивар по вторпат сезонава игра дома и оди на втора победа. Кавадарчани имаат скор 3-1, но овој меч им е вистински испит за можностите.