Сè почесто во светот на фудбалот се говори за можноста жена да биде тренер на машка екипа. Англичаните дури и заговараат Сара Вигман, селекторката на женската репрезентација, да го наследи Герет Саутгејт на клупата на машката репрезентација на Англија.
Сепак, ваквата идеја и не му се допаѓа баш на легендарниот холандски фудбалер, Весли Снајдер. Тој отворено зборуваше на оваа тема и апсолутно не се согласува дека жена може да тренира машка екипа.
„Мажи да бидат тренирани од жена? Ќе полудиме. По мое мислење, тоа е претерано. Можеби работите сега се промениле, но ако се сетам како изгледав во соблекувалната, никогаш не можам да замислам да ме тренира жена“, рече Снајдер.
Сепак, кога сфати дека малку претера, се обиде да ја спушти топката и имаше помек став.
„Немам ништо против жените, но мислам дека ќе полудиме. Слушам дека луѓето зборуваат дека мора да се обидеме, но јас велам: ‘зошто сега да се обидуваме?’ Ако се случи тоа, во ред, но мислам дека премногу зборуваме на оваа тема. Да оставиме сè да се случува природно“, додава тој.