Холандската фудбалска легенда Весли Снајдер изнесе храбра прогноза, а тоа е дека Ламин Јамал има потенцијал дури и да го надмине Лионел Меси. Некогашниот играч за врска на Реал Мадрид предвидува дека Јамал ќе блеска, и тоа во дресот на Барселона барем до 2035 година.
Јамал има само 18 години, а уште сега е меѓу најдобрите во светот. Тинејџерот заврши на второто место во изборот за Златната топка, веднаш зад победникот Усман Дембеле. Барселона со Јамал во составот имаше одлична ланска сезона. Барселона ги освои сите трофеи на домашна сцена, почнувајќи од трофејот во Примера, до пехарот во Купот и тој во Суперкупот на Шпанија.
Во новата сезона Јамал има проблеми со повредите, па пропушти неколку натпревари. Вкупно има 11 меча за Барселона во кои директно со погодок или асистенција учествуваше во 11 погодоци.
„Разговараме за тоа дали Ламин Јамал еден ден може да биде Меси, па, Ламин Јамал е новиот Меси во Барселона. Никогаш нема да го пуштат и мислам, верувам, момчето никогаш не би сакало да си замине. Тој е таму уште од мал и веќе постигнал толку многу како играч во првиот тим. Заработил многу пари. Тој е голема ѕвезда на тимот. Зошто би размислувал да оди во Англија или Германија или каде било на друго место? Нема смисла“, изјави Снајдер за AdventureGamers.
„Можеби подоцна ќе замине како што замина Меси за да проба нови искуства, но сега е 2025 година. Ако повторно разговараме за 10 години, Ламин Јамал сè уште ќе биде во Барселона. Може ли Јамал да го достигне нивото на Меси или дури да оди подалеку од него и да стане подобар играч? Можно е. Играчите се подобруваат секоја година и тој веќе е на толку високо ниво“, дополни некогашната холандска фудбалска ѕвезда.

