Јан Колер е најдобриот голгетер во историјата на чешкиот фудбал со 56 погодоци, со покер голови против Македонија во јуни 2005 се проби на првото место на вечната листа во својата земја, а за денеска има интересна прогноза.
„Подгответе се за маратон во Будимпешта. Очекувам Чешка да ја елиминира Холандија по подобро изведување на пенали“, вели корпулентниот напаѓач.
Пред 16 години речиси само ја декласира Македонија со покер голови во убедливата победа на Чесите со 6:1 и тогаш со 39 погодоци изби на врвот на вечната листа со најдобри стрелци на својата земја.
Подоцна уште 17 пати гаѓаше прецизно во дресот со националните бои и е на врвот пред Милан Барош со 41 погодок.
Колер е оптимист и верува во своите наследници, а ако се оствари неговата прогноза на „Пушкаш“ арена денеска ќе се игра долго.
Мечот меѓу Чешка и Холандија е третото осминафинале на Европското првенство и ќе почне во 18 часот.
Досега Данска со победа од 4:0 против Велс и Италија со триумф од 2:1 против Австрија по продолженија се двете селекции што обезбедија настап во четвртфиналето.
Вечерва од 21 часот во Севилја ќе играат Белгија и Португалија.