Со дебитантот Дисингер, по 60-та победа во Лига на шампиони

Вардар е фаворит против Мешков Брест во дуелот од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански”, и треба да покаже дека Белорусите може да го победат само вториот тим на „црвено-црните“ како пред неколку дена. Со триумф, Вардар има шанса да остане во врвот на табелата.

Со овој меч, почнува вториот дел од ЛШ, па Вардар ќе игра два меча по ред пред домашна публика, следниот викенд доаѓа Барселона.

Само неколку денови откако вториот тим на Вардар загуби со 15 гола разлика од Мешков во СЕХА лигата, сега доаѓа вистинскиот дуел, на најдобрите играчи. Вардарци бидат без Вуко Борозан кој заработи суспензија поради црвениот картон на гостувањето кај Келце, па на негова позиција ќе се најде новиот Кристијан Дисингер, кој не е доволно воигран.

„Ова е тежок и важен меч и ни треба победа. Мешков е добар тим, играат силна одбрана и агресивно. Нема да биде лесно, а ние се обидуваме да се подготвиме најдобро што можеме и да ги освоиме бодовите“ – вели Роберто Парондо, тренерот на Вардар.

Капитенот Стојанче Стоилов, рече дека добро се познаваат, иако ривалот има нов тренер.

„Сме играле многу пати. Имаат нов тренер што покажува дека нешто е сменето. Ние треба да покажеме дека сме фаворити. Имавме проблеми во тимот, повредени па сега и суспензија. Но, нема оправдување и мора да се оди на победа“ – најави Стоилов.

Вардар досега има 59 победи во ЛШ и оди на јубилејната „60-ка“. Дома, Вардар има само еден пораз на последните 14 настапи. Овие два тима во ЛШ се сретнале двапати, пред две сезони, и билансот е 1-1.

- Оглас -

Најнови вести