Со драматична разврска, Велес Сарсфилд ја освои титулата во Аргентина (Видео)

Велес Сарсфилд е новиот шампион на Аргентина освојувајќи ја титулата по победата над Хуракан со 2-0 во последното коло од сезоната. Ова е 11-та титула во историјата на клубот и прва по пауза од 11 години, додека истовремено се навршуваат 30 години од нивниот историски успех со освојувањето на Копа Либертадорес и Интерконтиненталниот куп.

До последното коло три тима беа во игра за шампионската титула. Талерес отпадна од трката откако загуби на домашен терен од Њуелс олд бојс со 1-3. Тимот од Кордоба, кој беше во серија од пет последовни победи, не успеа да совлада противник кој заврши на 25-тото место во конечниот пласман.

Хуракан можеше да стане шампион доколку победеше во директниот дуел со Велес. Натпреварот започна со предност од два бода за домаќините, кои ќе беа задоволни и со нерешен резултат поради поразот на Талерес. Сепак, Велес оствари победа и го воодушеви преполниот стадион „Хосе Амалфитани“ во Буенос Аирес.

Првиот гол за Велес го постигна Клаудио Акино во 30-тата минута, кога успешно ја искористи одбиената топка по интервенцијата на голманот на Хуракан, Ернан Галиндес.

Набрзо потоа, непосредно пред паузата, домаќините го зголемија водството на 2-0 преку Дамијан Фернандес, кој исто така постигна гол по одбранет удар од Галиндес.

Со оваа титула, Велес Сарсфилд останува шестиот најуспешен клуб во Аргентина. На врвот на листата се Ривер плејт со 38 титули и Бока јуниорс со 35 титули.

- Оглас -

Најнови вести