Индијана пејсерс поведе со 1:0 во победи во големото НБА финале, откако во драматична завршница славеше на гостувањето кај Оклахома со 111:110. Тајрис Халибартон е јунакот на гостите, постигнувајќи ги победничките поени на 0,3 секунди до крајот на средбата.
Интересно е дека со тие поени на Халибартон на 0,3 секунди до крајот Индијана прв пат поведе и на крајот победи.
Едноставно играчите ии навивачите на Оклахома останаа во шок по завршување на средбата, затоа што домаќините во текот на целиот меч водеа и тоа убедливо. После првата четвртина Оклахома имаше предност од 29:20, а на полувреме беа и со двоцифрена позитива (57:45).
Предноста на Оклахома достигна и до 15 поени во последната четвртина кога беше 94:79, но Индијана која е позната по феноменалните пресврти, не се предаде. Во овогодинешниов плејоф Индијана два пати успеа да добие мечеви на кои губеше со 20+ разлика, а овојпат успеа да анулира 15 негатива во последната четвртина.
Шеј Гилџес-Александер со 38 поени беше најефикасен кај Оклахома, а Сиакам даде 19 поени, плус 10 скока за Индијана. По 17 поени постигнаа Топин за Индијана и Вилијамс кај Оклахома.