Со победа Рома му честиташе титула на Јувентус, Интер е втор, а Имобиле го израмни рекордот на Пипита

Рома го победи Јувентус со 3:1 и му ја честиташе 36. титула во Италија, деветта по ред за Старата дама. Волчицата од Рим ја искористи шансата, бидејќи домаќините играа со комбиниран тим и ги освоија бодовите во Торино.

Јувентус поведе со голот на Гонзало Игуаин, но потоа следеше голем пресврт со головите на Калиниќ и два на Пероти.

Интер ја победи Аталанта со 2:0 во директен дуел за второто место на табелата, а и двете екипи, заедно со Лацио и секако шампионот Јувентус ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона.

Лацио остана на четвртата позиција по поразот од Наполи со 3:1 во Неапол, а Чиро Имобиле ја потврди Златната Копачка на Европа со уште еден погодок.

Најдобриот стрелец на Стариот континент успеа да погоди во 22. минута и да го израмни рекордот во Серија А што го држеше Гонзало Игуаин со 36 гола во една сезона.

Милан може да жали што не играше во ова темпо во делот од сезоната пред прекинот поради пандемијата со Ковид-19. Росонерите по рестартот на сезоната играа фантастично и се единствената екипа во Серија А без пораз на 12 меча.

Вечерва триумфираа со 3:0 против Калјари и ја забележаа деветтата победа, со три нерешени во пост-корона ерата. Тоа им го донесе шестото место на конечната табела, доволно за настап во квалификациите за Европа Лигата.

Утре се играат последните пет меча во Калчото за оваа сезона, а значаен меч за опстанок против Верона ќе игра Горан Пандев со Џенова.

 

 

- Оглас -

Најнови вести