Реал Мадрид неочекувано загуби со 1-2 на свој терен од Жирона во шпанската Примера дивисион и на тој начин остана на девет бода зад лидерот Барселона. Кралскиот клуб имаше водство од 1-0 на полувреме и речиси никој на „Сантијаго Бернабеу“ не веруваше дека може да се случи домаќините да загубат.
Сепак, Жирона не се предаде и со неверојатно храбра игра во вторите 45 минути даде два гола и направи неверојатен пресврт за победа од 2-1. Со оваа победа, Жирона се искачи на 15-тото место и полека бега од зоната за испаѓање.
Тренерот на Реал, Сантијаго Солари вели дека и покрај денешниот неуспех, шпанскиот гигант нема да се откаже од трката за титулата.
„Дали ја имаме загубено трката за титулата? Апсолутно не. Секој меч е тежок. Темпото е напорно, играме секоја недела. Се надевам дека ќе влеземе во серија победи и тогаш ќе имаме право да се надеваме на титулата“, рече Солари.