Манчестер јунајтед ги разочара своите навивачи откако синоќа одигра само 1:1 на „Олд Трафорд“ против Вест хем. Црвените ѓаволи беа големи фаворити за победа, но едноставно гостите не се предадоа и на крајот освоија бод, кој им го осигури опстанокот во Премиер лигата и следната сезона.
До крајот на првенството останува уште едно коло, во кое Манчестер ќе се обиде да ја сочува третата позиција на табелата или, во најлош случај, да биде четврти на крајот за да може да игра во Лигата на шампионите во новата сезона. Во последниот меч, Манчестер гостува кај Лестер, кој е директен ривал за место во ЛШ, а тренерот Оле Гунар Солскјер ветува победа на гости.
„Во последните две недели не одигравме како што сакавме, но тоа е поради преморот на играчите кои играа и во ФА купот. Сега имаме три дена во кои треба добро да се одмориме и да бидеме 100 отсто подготвени за дуелот со Лестер. Пред нас е одлична шанса. Сакаме да одиме кај Лестер и да победиме, што ќе значи наш пласман во ЛШ. Знаеме дека и со нерешено сме во Топ-4, но сепак сакаме да победиме против Лестер. Така и се подготвуваме, одиме на победа“, рече Солскјер.
Сите мечеви од последното коло во Премиер лигата се играат в недела, со почеток од 17 часот.