Манчестер јунајтед денес ќе се сретне со Вулверхемптон во рамки од 25-тото коло во Премиер лигата, меч во којшто избраниците на Оле Гунар Солскјер ќе се обидат да се вратат во победнички ритам по последователните порази од Ливерпул и Барнли. Црвените ѓаволи воедно немаат остварено победа против Волците во премиерлигашки рамки по нивното враќање во англиската елита, што е дополнителен мотив за Јунајтед да ги израдува домашните навивачи и покрај проблемите со повредите во средниот ред.
Како решение Јунајтед го купи Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон за сума од 47 милиони фунти, сумата на трансферот може да достинге 68 милиони фунти ако се исполнат одредени услови. Фернандеш е офанзивен играч за врска и доста опасен, како реализатор и како креативец. Оваа сезона во вкупно 28 меча за Спортинг постигна 15 гола и намести уште 14 во сите натпреварувања, статистика која доволно говори за неговиот квалитет.
Медиумите го најавија Фернандеш дека може да биде голем на „Олд трафорд“ исто колку Кристијано Роналд, неговиот сонародник, но Солскјер смета дека Португалецот повеќе наликува на Пол Сколс со неговата игра и според позицијата.
„Не треба да му се врши таков притисок, Кристијано е единствен и споредбата е нереална. Бруно повеќе потсетува на Пол Сколс, офанзивен играч за врска кој знае да забие гол од речиси секоја позиција, а е еднакво опасен и од прекини“, истакна Солскјер.